МЕГАН МАРКЛ НАЈАВИ НЕЈЗИНО РЕАЛНО ШОУ НА „НЕТФЛИКС“, СЕ ПОЈАВУВА И ПРИНЦОТ ХАРИ

САД, (Би-Би-Си)

Војвотката од Сасекс Меган Маркл најави ново шоу на „Нетфликс“ кое се опишува како шоу за животен стил што ги спојува практичното однесување и искрениот разговор. „Со Љубов, Меган“ ќе има премиера на 15 јануари и вклучува осум епизоди од по 30 минути, во кои се појавуваат и познати личности како актерките Минди Калинг и Абигејл Спенсер.

Во трејлерот, Маркл украсува торта со малини и мед во Калифорнија, каде што живее со нејзиниот сопруг принцот Хари и двете деца. Таа го објави трејлерот на нејзиниот нов профил на Инстаграм.

„Многу сум возбудена што го споделувам ова со вас. Се надевам дека ќе го сакате шоуто исто како што јас уживав кога го правев“, вели таа.

Во трејлерот таа спрема храна во домашна кујна, купува цвеќиња и јаде со пријателите, а и принцот Хари накратко се појавува.

„Ќе споделам неколку мали совети и трикови и како да ги користите овие практики секој ден“, вели Меган во трејлерот.

(Фото: Нетфликс)