Дејвид Хаселхоф му оддаде почит на неговиот колега од серијата „Чувари на плажата“ (Baywatch), Мајкл Њуман, по неговата смрт на 68 години.
Во објава на Инстаграм, Хаселхоф рече дека Њуман, кој беше вистински спасител и актер, му го спасил животот најмалку четирипати додека ја снимале популарната ТВ-серија од 1990-тите. Само Хаселхоф, кој го играше Мич Бјукенон и Џереми Џексон (синот на Мич) се појавија во повеќе епизоди од Њуман, кој почина осум години откако му беше дијагностицирана Паркинсоновата болест.
„Њуман беше воин. Тој буквално ми го спаси животот најмалку четирипати. Никогаш не се плашеше од водата. Се сеќавам дека режираше неколку епизоди и беше навистина добар”, рече Хаселхоф.
Њуман исто така беше пожарникар со полно работно време и продолжи да работи додека ја снимаше хит-серијата, која се емитуваше од 1989 до 1999.