Мистериозната четврта сезона на „Вистински детектив“, со Џоди Фостер во главната улога, собира одлични критики. Дејството се случува во Алјаска, во периодот од годината кога таму е 24-часовна ноќ.
Сепак, градот Енис не постои и беше создаден специјално за серијата. На најсеверната точка на Алјаска се наоѓа гратчето Норт Слоуп Бороу, каде што половина од населението е домородно, кое послужило како инспирација за Енис.
Како замена за ледениот пејзаж на Алјаска послужил Исланд. Серијата е снимана во две студија во Рејкјавик, градот Акурејри на северниот брег на Исланд и во малото рибарско село Далвик.
„Вистински детектив“ е првата телевизиска улога за Фостер во последните 50 години. Таа ја глуми локалната полицајка Лиз Денверс, која заедно со колешката Еванџелин Наваро (Кали Рајс) го истражува мистериозното исчезнување на научниците од арктичката истражувачка станица „Цалал“.