ПО НИЗА КУЛ ЛИКОВИ, ИДРИС ЕЛБА ДОЧЕКА ДА ГЛУМИ ВО КОМЕДИЈА

Лондон, (Вараети)

Идрис Елба го прославија кул ликови како дилерот на дрога Стерлинг Бел во серијата „Жица“ или детективот Џон Лутер во истоимената британска серија, за којашто доби Златен глобус и тешко може да се поврзе со комедии или мјузикли.

Барем не досега.

Еден од омилените британски актери сака да проба и едно и друго и токму во тој стил е неговиот последен проект, комичната полуавтобиографска серија „На долг рок“.

„Ми се допаѓа слободата на таков тип улоги. Кога играте драма, ја следите нарацијата на одреден начин. Но, во комедија, еден ден може да ви текне нешто навистина глупаво, што ќе ја насмее екипата и тоа да функционира и во серијата“, вели Елба.

Сместена во Лондон во 80-ите години, „На долг рок“ е делумно инспирирана од детството на самиот Елба, при што тој го игра Волтер, лик заснован врз неговиот татко. Малиот Идрис Елба, пак, го глуми Семи Камара.

„Ова лесно можеше да биде драма, но решивме серијата да ја направиме полесна, а не да праќаме пораки. Сакавме да биде комедија, затоа што јас сакав да се испробам во тој жанр, во којшто досега бев мизерен. Затоа себично сакав ова да биде комична серија“, се пошегува Елба.

После ова, што е тоа што Елба уште го нема пробано во кариерата?

„Мјузикл. Би сакал да глумам во мјузикл“.