ПОТВРДЕНА УШТЕ ЕДНА ПРИКВЕЛ СЕРИЈА НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“, ЗА АВАНТУРИТЕ НА ДАНК И ЕГ

Њујорк, (Вараети)

Ејч-Би-О ги избра главните актери за уште една приквел серија на „Игра на тронови“, насловена „A Knight of the Seven Kingdoms: The Hedge Knight“. Заснована врз романите „Приказните за Данк и Ег“ на Џорџ Р. Р. Мартин, дејството на оваа серија е сместено еден век пред настаните во „Игра на тронови“ и ги следи младиот, наивен, но храбар витез сер Данкан Високиот (Питер Клафи) и неговиот млад придружник Ег (Декстер Сол Ансел) кои лутаат низ Вестерос.

Сместена во време кога наследниците на Таргарјен и натаму го држат Железниот трон, а сеќавањето на последниот змеј сѐ уште не се изгубило од живата меморија, големи судбини, моќни непријатели и опасни подвизи ги чекаат овие неверојатни и неспоиви пријатели“, стои во најавата на серијата.

A Knight of the Seven Kingdoms“ е вториот потврден приквел на „Игра на тронови“ досега, по „Куќата на змејот“, чија втора сезона доаѓа на 16 јуни. Новата серија треба да има премиера кон крајот на 2025.