Милиони Јапонци во наредниот период ќе бидат принудени да гледаат репризи на најдолговечната анимирана серија на светот откако пандемијата на коронавирусот ја прекина нејзината продукција, објави ТВ-мрежата „Фуџи“.
Гледањето нова епизода на „Сазае-сан“ во недела навечер е традиција што трае од 1969 година и по толку децении, таа и натаму е многу популарна и за многумина Јапонци означува крај на викендот. Во 2013, Гинисова книга на рекорди ја призна „Сазае-сан“ за најдолговечна анимирана серија.
Серијата ги следи секојдневните доживувања на веселата и несмасна домаќинка Сазае и на нејзиното продолжено семејство и 30-минутните епизоди и натаму привлекуваат 10% од јапонските ТВ-гледачи. Ова ќе биде прв прекин на серијата од глобалната економска криза во 1975 година.