СЕРИИТЕ „ШИТС КРИК“ И „СУКЦЕСИЈА“ ДОМИНИРАА НА ПРВОТО ВИРТУЕЛНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА ЕМИ НАГРАДИТЕ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Сукцесија“, „Шитс Крик“ и „Вочмен“ се големите победници на 72. доделување на наградите Еми, кое првпат во историјата се одржа виртуелно поради пандемијата на коронавирусот.

„Шитс Крик“ освои осум статуетки, рекорд за комична серија, што е блескаво простување на канадската серија, чија последна, шеста сезона се емитуваше оваа година. Освен што беше прогласена за најдобра серија, таа ги освои и наградите за најдобри актери (Јуџин Ливи и Кетрин О‘Хара) и за најдобри споредни улоги во комедија (Ден Ливи и Ени Марфи), како и за режија и сценарио.

Џими Кимел го водеше преносот на Еј-Би-Си од празната арена „Стејплс“ во Лос Анџелес (Фото: АП)

„Првпат во историјата, една комична серија е наградена во сите седум категории“, соопштија организаторите.

„Шитс Крик“ почна да се емитува во 2015 година на малата телевизиска мрежа „Поп ТВ“ и го следи богатото семејство Роуз, кое е принудено да се пресели во мотел во малиот град Шитс Крик откако ќе го изгуби своето богатство.

„Сукцесија“ на Ејч-Би-О е најдобра драмска серија, а „Вочмен“ најдобра минисерија и севкупно освои најмногу награди – 11. Во конкуренција на драмски серии, најдобар актер е Џереми Стронг од „Сукцесија“, додека 24-годишната Зендаја испиша историја откако стана најмладиот освојувач на Еми за најдобра актерка („Еуфорија“).

Церемонијата во празната арена „Стејплс“ во Лос Анџелес ја водеше Џими Кимел, на кого му се придружија неколкумина презентери, додека наградените се заблагодаруваа од сите страни на светот.