СЕРИЈАТА „ГОСПОДАР НА ПРСТЕНИТЕ“ ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА ВО СЕПТЕМВРИ 2022

Њујорк, (Вараети)

Серијата „Господар на прстените“, која се најавува како најскапа во историјата, конечно го доби датумот на премиерата. Таа ќе почне да се прикажува на стриминг платформата на „Амазон“ на 2 септември 2022, при што нова епизода ќе излегува еднаш неделно.

Снимањето на првата сезона беше завршено вчера во Нов Зеланд.

Малку се знае за содржината на серијата, вклучувајќи го и официјалниот наслов. Познато е само дека се случува за време на таканареченото Второ доба, односно илјадници години пред дејството во книгите „Господар на прстените“ и „Хобит“.

„Патувањето почнува на 2 септември 2022. Не можам да опишам колку сме возбудени што ќе ја поведеме глобалната публика на нова епска авантура низ Средна Земја“, изјави Џенифер Салк, шефицата на студијата на „Амазон“.

Според новозеландските власти, снимањето на првата сезона чинело 465 милиони долари, а планирани се пет сезони.