СНИМАЊЕТО НА СЕРИЈАТА ЗА ХАРИ ПОТЕР ПОЧНУВА НАЛЕТО, ОСКАРОВЦИТЕ МАРК РАЈЛЕНС И КИЛИЈАН МАРФИ МЕЃУ МОЖНИТЕ АКТЕРИ

Лондон, (Гардијан)

Ејч-Би-О објави дека снимањето на серијата за Хари Потер ќе почне во лето следната година и ќе се одвива во студиото на „Ворнер брос“ во Велика Британија, каде што се снимаа и осумте филма.

Премиерата на првата од неколкуте најавени сезони ќе биде во 2026, речиси 30 години од излегувањето на првата книга на Џеј Кеј Роулинг и 15 години откако во кината дојде последниот филм.

Засега нема официјални информации за кастингот, само шпекулации во медиумите. Меѓу нив се дека оскаровецот Марк Рајленс би го играл Дамблдор, дека Килијан Марфи е фаворит да биде новиот Волдеморт и дека на Папа Есеиду му била понудена улогата на Северус Снејп.

Бидејќи главните протагонисти се деца, тоа ќе бидат некои нови лица. Во септември, „Ворнер брос“ објави отворен кастинг за улогите на Хари, Рон и Хермиона за деца на возраст од девет до 11 години. Еден од креаторите на серијата Марк Мајлод кажа дека веќе се разгледуваат 32.000 пријави.

Не е познато колку сезони се планирани, но „Ворнер брос“ најави дека серијата ќе трае цела деценија.

(Фото: Гети)