Хит-серијата „Еуфорија“ не се враќа во скоро време. Ејч-Би-О дополнително го одложи снимањето на третата сезона и нејзиното излегување не може да се очекува пред 2026 година.
ТВ-мрежата соопшти дека новото одложување е поврзано со сценариото, што го пишува креаторот на серијата Сем Левинсон.
„Левинсон ќе направи промени во приказната за третата сезона зашто ликовите го напушаат средното училиште. Во меѓувреме, актерите се слободни да работат на сите свои идни проекти“, кажаа од Ејч-Би-О.
Снимањето на третата сезона првично беше одложено поради штрајкот на холивудските актери и сценаристи и смртта на актерот Ангус Клауд, кој во серијата го играше дилерот Фез.
„Еуфорија“, која имаше премиера во 2019, има освоено девет награди Еми.