Еден од заборавените проекти на покојниот Стенли Кјубрик, обемна биографска приказна за Наполеон Бонапарта, се подготвува за Ејч-Би-О во изминатите седум години. Стивен Спилберг, кој е вклучен во проектот најмалку десет години, кажа дека се работи за голема продукција, која ќе биде серија од седум епизоди.
Сајтот „Дедлајн“ објави дека проектот и натаму е во развојни фази.
„Во соработка со Кристијана Кјубрик и Јан Харлан, подготвуваме голема продукција за Ејч-Би-О, заснована врз оригинално сценарио на Стенли за ‘Наполеон‘. Тоа ќе биде серија од седум епизоди“, кажа Спилберг за време на Берлинскиот филмски фестивал.
Кјубрик оригинално планирал да го сними филмот по големиот успех на „2001: Вселенска одисеја“ и направил обемно истражување за Наполеон. Филмот требало да се снима во Франција, Велика Британија и Романија и да вклучи 40.000 војници, а како главни ѕвезди се спомнувале Дејвид Хемингс, Џек Николсон и Одри Хепберн. Сепак, проектот подоцна бил напуштен, а Кјубрик во 1975 го сними „Бери Линдон“.
Спилберг е вклучен во проектот најмалку од 2013, со намера да го претвори во минисерија. Во 2016, за режисер беше избран Кери Џоџи Фукунага.