Спортистите од Специјалната олимпијада на Македонија снимија ТВ-интервјуа со македонските спортски ѕвезди: кошаркарот Перо Антиќ, кошаркарката Едина Муса, ракометарот Кире Лазаров, фудбалерката Наташа Андонова и пливачот Евгениј Поп Ацев.

„Сум снимала повеќе емисии и ТВ-проекти, но ова искуство ќе го издвојам како мое омилено“, вели Едина Муса

Петте епизоди, дел од ТВ-проектот „Горди на себе“, се емитуваа на утринската програма на МТВ „Македонија наутро“ и тие во улога на новинари со своите соговорници разговараа на теми како кариера, спорт, патувања и предрасуди и на овој начин ги претставија своите можности и вештини.

Спортистите од Специјална олимпијада на интервјуто со фудбалерката Наташа Андонова

Од Специјална олимпијада велат дека непосредно пред Европското првенство во ракомет во Хрватска, присуствуваа на тренинг на македонската ракометна репрезентација и направија интервју со Кире Лазаров, додека, пак, Перо Антиќ, во знак на благодарност за одлично подготвеното и направено интервју, им подари кошаркарски дресови, по што закажаа Јунифајд кошаркарски меч за на пролет.

„Ќе ми биде задоволство да играм со вас, кошаркари со олимписко сребро“, вели Антиќ во интервјуто.

„Со овој ТВ-проект сакавме да ја сензибилизираме пошироката јавност за лицата со интелектуална попреченост и да им се даде поддршка со нивно прикажување во јавност, не кои се, туку што можат. Воедно, ќе ги поддржуваме во нивните спортски подвизи, бидејќи тоа е каналот за вклучување во заедницата“, вели Ана Петровска, претседателката на Специјална олимпијада Македонија.