Американскиот актер Џон Литгоу изјави дека е возбуден што ќе го глуми Дамблдор во новата серија „Хари Потер“ и дека овој лик ќе го дефинира последното поглавје од неговиот живот. И додека актерската екипа на серијата е во фаза на собирање, 79-годишниот Литгоу на овој начин потврди дека ја прифатил улогата на шефот на Хогвартс.
Литгоу се прослави и во комични и во драмски улоги, а го играше и Винстон Черчил во хит-серијата „Круна“. Во филмовите за Хари Потер Албус Дамблдор го играа сега покојните британски актери Ричард Харис и Мајкл Гамбон.
„Оваа понуда ми дојде како целосно изненадување. Тоа не беше лесна одлука зашто се плашам дека оваа улога ќе го обележи последното поглавје од мојот живот. Но, многу сум возбуден. Ќе имам 87 години кога ќе заврши снимањето на серијата, но прифатив“, изјави Литгоу.
Серијата, чие снимање треба да почне ова лето, ќе има сосема нова актерска екипа, а за трите главни детски улоги беше распишан отворен кастинг.
„Серијата ќе биде верна адаптација на легендарните книги на Џеј Кеј Роулинг и планирано е да трае цела деценија“, објави стриминг сервисот „Ејч-Би-О макс“.