ВТОРАТА СЕЗОНА НА „КУЌАТА НА ЗМЕЈОТ“ ДОАЃА ВО ЈУНИ

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Премиерата на втората сезона на ТВ-серијата „Куќата на змејот“ ќе биде во јуни годинава на „Ејч-Би-О макс“, изјави Џи Би Перети од „Ворнер брос“. Тој рече дека тоа е една од сериите кои треба да придонесат за пресврт во овој медиумски гигант по тивкиот период за филмот и телевизијата, делумно поради штрајковите во Холивуд минатата година.

Перети не наведе конкретен датум на премиерата. Претходно беше објавено дека втората сезона ќе има осум епизоди.

Приказната во „Куќата на змејот“ е сместена 172 години пред настаните во „Игра на тронови“ и се фокусира на куќата Таргарјен. Заснована е врз книгата на Џорџ Р. Р. Мартин, „Оган и крв“.

„Кога ќе ги погледнеме следните 12-18-24 месеци, ги имаме сите четири најголеми серии на ‘Ејч-Би-О’. Втората сезона на ‘Куќата на змејот’ доаѓа во јуни, како и новите делови на ‘Последните од нас’, ‘Еуфорија’ и ‘Белиот лотус’“, рече Перети.

Фото: Ејч-Би-О