Роуан Аткинсон вели дека, веројатно, веќе никогаш нема да го игра господинот Бин, затоа што чувствува дека направил сѐ што може да се направи со ликот кој му донесе светска слава во 90-ите години.

„Се сомневам дека тој повторно ќе се појави. Во еден момент доаѓаш до точката кога сфаќаш дека си направил сѐ што можеш да направиш. Иако, никогаш не вели никогаш“, кажа 63-годишниот британски комичар, гостувајќи во шоуто на Грем Нортон.

Аткинсон првпат се појави во оваа улога во 1990 година, во рамките на серијата од 15 дела, креирана од комичарот и сценарист Ричард Кертис. Серијата беше гледана од 19 милиони луѓе и од неа произлегоа анимирана серија и два филма, од кои последниот излезе во 2007 година.

По Црна Гуја и господинот Бин, Аткинсон го почна серијалот на акциони комедии со Џони Инглиш, чиј трет дел излезе неодамна.