ДЕЛО НА БАНКСИ СЕ САМОУНИШТИ ОТКАКО СЕ ПРОДАДЕ НА АУКЦИЈА ЗА МИЛИОН ФУНТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Реплика на графит на мистериозниот британски уметник Банкси се самоуништи набргу откако беше продадена на аукција за еден милион фунти.

„Девојка со балон“, едно од најпрепознатливите дела на Банкси, оригинално нацртано на ѕид во Лондон, беше понудено како последно на вчерашната аукција во „Сотбис“, но во неочекуван пресврт, откако беше продадено, платното помина низ режач за хартија, што беше инсталиран во рамката.

„Оди, оди, отиде…“, напиша Банкси на Инстаграм, објавувајќи фотографија од моментот.

Делото од 2006 година заврши во парчиња кратко време откако достигна цена од 1,042 милиони фунти.

„Се чини дека бевме наместени во стилот на Банкси“, изјави виш директор на „Сотбис“, Алекс Бранчик.

Банкси е уметник од Бристол, чиј идентитет никогаш не е откриен. Неговите критичко-сатирички графити преку ноќ имаат осамнато во големи градови низ целиот свет. Во 2017 година, Британците го прогласија муралот „Девојка со балон“ за негово најомилено дело.