ЖИВЕЈТЕ КАКО САКАТЕ, НО ШТЕДЕТЕ, ИМ ПОРАЧА ДЕЈВИД АТЕНБОРО НА ДЕЦАТА КАКО ДА ЈА СПАСАТ ПЛАНЕТАТА

Лондон, (Гардијан)

Легендарниот документарист и природоначник Дејвид Атенборо испрати топла порака до децата низ цел свет како можат да помогнат да се спаси планетата: „Живејте како сакате да живеете, но штедете!“.

Деведесет и тригодишниот Атенборо во Лондон ја претстави новата серија Би-Би-Си, „Седум светови, една планета“, при што одговараше и на прашањата од публиката, во која имаше и деца.

„Како можете да ја спасите планетата? Најдоброто мото е да не се фрлаат работи. Не фрлајте храна, штедете електрична енергија и хартија. Живејте како сакате да живеете, но штедете! Водете грижа за природниот свет и за животните и растенијата во него. Ова е нивна планета исто колку и наша. Не ги уништувајте“, му одговори Атенборо на едно петгодишно момче.

На настанот преку видеоврска се приклучија и голем број деца од Индија и Јужна Африка.

„Седум светови, една планета“ се снимаше четири години на сите континенти за да се добијат седум часа ТВ-материјал. Таа ќе почне да се емитува на 27 октомври.