ЗМИЈА СЕ ЗАВИТКА ОКОЛУ ВОДИТЕЛКА СРЕДЕ ЕМИСИЈА

Лондон, (Мирор)

Гледачите на шоуто „Ова утро“ на британската телевизија ИТВ останаа зачудени, кога емисијата денеска одеднаш беше прекината. Темата за која се разговараше беше кучињата и дали тие имаат емоции или не.

По 15 минути, емисијата се врати во етерот како ништо да не се случило, без ИТВ да даде објаснување за прекинот. Дури еден час подоцна, водителката Холи Вилоуби откри дека била нападната од голема змија.

„Се извинувам за претходниот прекин. За тоа е виновна змија“, кажа Вилоуби, по што покажа што се случило.

Камерата ја покажа змијата како се обвиткува околу нејзините нозе, по што продолжи да се качува по телото.

„Боже, што да правам сега? Тргнете ја од мене“, викаше таа со змијата на себе.

„Само остави ја да си ја врши работата“, смеејќи се ѝ кажа колегата Фил Скофилд.