„ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ ГО ЗАДРЖИ ВНИМАНИЕТО НА ДЕЦАТА ВО ДЕНЕШНОТО БРЗО ВРЕМЕ – ВЕЛИ ЕКИПАТА НА НОВАТА ТВ-СЕРИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки – ликовите од една од омилените книги на многу генерации „Зоки Поки“ од писателката Оливера Николова ќе оживеат во ТВ-серија за деца која почна да се снима викендов.

Серијата е проект на продукцијата „Кино око“ продуцентот Роберт Насков и режисерот Александар Поповски, кои велат дека се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ-програма за деца.

Од снимањето во училиштетот „Петар Поп Арсов“ (Фото: Д. Николовска )

„Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ-проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното брзо време“, велат од „Кино око“.

Серијата почна да се снима во основното училиште „Петар Поп-Арсов“ во скопската населба Карпош, а ќе тре до 13 септември на повеќе локации низ Скопје. Десетте епизоди ќе ги режираат Поповски, Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Адаптацијата на серијата ја работеа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

„Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ-проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното брзо време“, велат од „Кино око“ (Фото: Д. Николовска)

„Зоки Поки“ е книга за деца објавена во 1963 од „Детска радост“, по што следувале голем број изданија. Повеќе од половина век книгата била задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.

Б. НЕСТОРОСКА