УМЕТНИЧКИОТ ТАНДЕМ ДАН И ЛИА ПЕРЖОВСКИ СО ИЗЛОЖБА ВО МСУ СКОПЈЕ НА 26 СЕПТЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски ќе имаат изложба во Музејот на современа уметност во Скопје, која ќе биде отворена на 26 септември во 20 часот.

Дан Пержовски ќе се претстави со уметничкиот проект „Обновени вести“ (ReNews), а Лиа Пержовски со „Сет за преживување – избор од Музејот на знаењето“ (Survival Kit – a selection from Knowledge Museum). Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.

„Оваа изложба ги испреплетува нивните заеднички пристапи, притоа нудејќи повеќестрана визија за тоа како уметноста може да служи како медиум за општествена критика и трансформација. И покрај различните медиуми во кои работат, и двајцата уметници ја делат заедничката цел да ја искористат уметноста како инструмент за ангажирање и промена“, вели Гаќина.

Дан Пержовски е светски познат автор кој го користи цртежот преку бројни форми и преку него ја адресира важноста на разни општествени теми, како што се актуелните воени, финансиски и мигрантски кризи, проблеми поврзани со комуникацијата денес и прашања поврзани со современата уметност. Тој најчесто ги создава своите цртежи во светски познатите музејски простори, како Музејот на модерна уметност во Њујорк.

Лиа Пержовски е истражувачка, уредничка и концептуална уметница. Основач е на неколку платформи и институции и има реализирано бројни самостојни изложби низ светот.

Фото: Ц. А. Кастелон