ВАЈНСТИН СЕ РАЗВЕДУВА, ЌЕ Ѝ ОСТАВИ 20 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА СОПРУГАТА

Њујорк, (Сан)

По сите обвинувања за сексуални напади и вознемирувања, еден од најомразените луѓе во Америка, продуцентот Харви Вајнстин, се разведува.

Тој постигнал осумцифрен договор со својата сопруга Џорџина Чепмен, од која ќе се раздели по десет години брак. Тие имаат и две деца.

Договорот бил потпишан пред нова година и, според него, на Џорџина треба да ѝ припадне сума меѓу 15 и 20 милиони долари. Разводот треба да биде официјализиран наредниве денови.

Во предбрачниот договор стоело дека Вајнстин мора да ѝ исплати на Чепмен 300.000 долари за секоја година помината во брак, што, во меѓувреме, пораснало на 400.000 долари.

Четириесет и едногодишната Англичанка се омажи за Вајнстин во декември 2007 година и таа, исто така, ќе добие дел од нивниот недвижен имот и други исплати. Во нивниот заеднички имот спаѓаат и 15 милиони долари вредна куќа во Њујорк и вила на плажа во Хемптонс од 12 милиони долари.

Богатството на Вајнстин своевремено се проценуваше на 240 милиони долари, но добар дел од парите тој ги потроши на адвокати, приватни истражители и публицисти, бранејќи се од обвинувањата за сексуално вознемирување од стотина жени.