На 14 октомври е закажана премиерата на претставата „Варвари“ од Максим Горки во Македонскиот народен театар (МНТ).
Во режија на Владимир Милчин, во претставата играат 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето биле студенти на професорот Милчин на Факултетот за драмски уметности.
Делото „Варвари“ првпат се поставува на театарската сцена во Македонија. Како што велат од МНТ, станува збор за драма која се занимава со социјалните и моралните конфликти на почетокот на 20. век во Русија. Претставата се одвива околу интелектуалец кој се соочува со растечките разлики помеѓу старото и новото, традицијата и модерното.
Билетите за премиерната изведба и за првата реприза на 15 октомври се пуштени во продажба преку онлајн системот и на билетарницата во МНТ.
Фото: К. Теодоров