ВЕЛИМИР ЖЕРНОВСКИ ИЗЛОЖУВА ВО МСУ СО „ОТАДЕ ЦРНИЛОТО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Отаде црнилото“ е насловена изложбата на уметникот Велимир Жерновски, која се отвора вечерва во 20 часот во Музејот на современа уметност.

На изложбата ќе бидат претставени видео инсталација и 3Д испечатени скулптури изработени од биоразградлив и биоактивен термопластичен материјал, добиен од обновливи биолошки извори. Изложбата се најавува како критика на монструозната логика на капиталот.

„Изложбата алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето. Но, Жерновски во исто време се ‘поигрува’ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека ‘црните дупки не се така црни’, дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на којашто ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум“, вели ликовната критичарка Љиљана Неделковска во каталогот за изложбата.

Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и „Еуролинк“. По отворањето, диџеј сет ќе има Соња Исмаил.