ВИЛИЈАМ НА 40 ГОДИНИ – СÈ ПОСАМОУВЕРЕН ИДЕН КРАЛ КОЈ НЕМА ПРОБЛЕМ ДА ПРОДАВА ВЕСНИЦИ СО БЕЗДОМНИЦИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Принцот Вилијам не е љубител на формални кралски портрети, па 40. роденден го одбележа со малку поинакви фотографии.

Војводата од Кембриџ денеска ќе го прослави роденденот во кругот на семејството, објави палатата Кенсингтон, но пред тоа, уште еднаш укажа на проблемот на кој веќе подолго време е посветен – бездомништво. Тој објави досега невидени фотографии како со бездомници го продава уличниот весник „The Big Issue“ во Лондон.

Во 2009, Вилијам спиеше на улиците на Лондон со цел лично да го искуси бездомништвото, а 13 години подоцна и натаму е вклучен во барањето решенија за овој проблем.

Вилијам со еден од продавачите на весникот (Фото: The Big Issue)

Влегувајќи во петтата деценија од животот, Вилијам почна да презема сè поцентрална улога во кралското семејство, додека кралицата ја забавуваат годините и здравствените проблеми. Тој се наоѓа во фокусот на јавноста уште од самото раѓање на 21 јуни 1982, кога стана втор во редот за наследство на тронот, зад татко му Чарлс.

Светот го следеше Вилијам од неговите училишни денови во Лондон до спектакуларната венчавка со Кејт Мидлтон, со која доби три деца. Ова лето, тие планираат да се преселат од Кенсингтон и да почнат нов живот во Виндзор, сметајќи дека таму ќе имаат повеќе слобода и ќе бидат поблиску до кралицата.

Своевремено претпазливиот и воздржан принц сè повеќе изгледа како иден самоуверен крал, кој притоа ги пронајде своите јавни интереси: животна средина, ментално здравје и бездомништво.