Ликовниот уметник Филип Фидановски оживеа десетина дела, скици и цртежи на Пабло Пикасо во 3-Д димензија. Со нив се претставува во Ликовниот салон во Велес, на изложбата насловена „Пикасо, можеби јас 2“. И двете изложби се со керамика.
„Оваа изложба е поразлична од претходната. На првата од 2016 беа женски портрети, од синтетичкиот кубизам на Пикасо. Сега работев по скици кои се малку познати во јавноста како негови дела. Таа е плод на мојот престој во Шпанија и Франција во 2018 и истражувањата кои ги реализирав“, кажа Фидановски, најавувајќи дека работи на изложбата „Пикасо 3“.
Изложбата е реализирана со помош на Шпанската амбасада во Скопје.
„Делата на Фидановски ни дозволуваат да го повториме Пикасо и да дадеме ново читање. Тие секогаш даваат нешто ново, македонско, во опусот на Пикасо“, рече Рафаел Соријано, амбасдор на Шпанија во Скопје.

Сите дела имаат легенди и фотографија од која авторот бил инспириран да создаде 3-Д керамика.
„Оваа изложба не е само инспирација, туку лична реинтерпретација на Пикасо. Има два типа кубизам: аналитички, кој ја разградува формата и синтетички, во кој се гради формата, а Филип покажува дека постои тридимензионална форма. Сите претставени дела потекнуваат од дводимензионални цртежи или слики на Пикасо“, рече историчарот на уметност Кирил Пенушлиски, куратор на изложбата.
П. ПЕЧКОВ