ЗЕМЈАТА НА КРИКЕТОТ ПАКИСТАН ГО СЛАВИ ПРВОТО ОЛИМПИСКО ЗЛАТО ВО ПОЕДИНЕЧНИТЕ СПОРТОВИ

Париз, (АФП)

Пакистан, држава со 241 милион жители, го освои првиот златен медал во поединечна конкуренција во историјата на Олимписките игри откако Аршад Надим славеше во фрлање копје. Тоа го оствари со нов олимписки рекорд од 92,97 метри, што е шесто најдобро фрлање на сите времиња.

Среброто заврши на градите на бранителот на титулата Нираџ Чопра од Индија со 89,45 метри, а трет беше Андерсон Питерс од Гренада со 88,54 метри.

Сепак, вечерта му припадна на 27-годишниот атлетичар од малиот град Мијан Чану, кој надмина повреда на коленото оваа година и испиша историја за неговата земја, во која крикетот е спорт број еден. Од претходните осум олимписки медали на Пакистан, шест се во машки хокеј на трева и по еден во борење и бокс, од кои последниот беше освоен пред 32 години.

Моите тренинзи и напорна работа се исплатија. Ривалството со Чопра постои и тоа е позитивно за двете земји. Луѓето во Пакистан и Индија едвај чекаа да нè гледаат како се натпреваруваме. Сега не е само крикетот“, изјави Надим, кој беше петти на последниот ОИ во Токио и освои сребро на ланското Светско првенство во Будимпешта.

(Фото: Гети)