ЗОРАН МИХАЈЛОВ НАПИША БИОГРАФИЈА ЗА ДАРКО ПАНЧЕВ, ПРОМОЦИЈАТА Е НА 25 СЕПТЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев ќе биде промовирана на 25 септември од 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје. Автор на книгата е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов и е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“.

Промотори ќе бидат проф. д-р Љубомир Кекеновски и поранешниот соиграч на Панчев, Васил Рингов.

Михајлов во книгата открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев на и надвор од зелениот терен, проследено со 40 фотографии од приватната архива на Панчев.

Оваа биографија буквално ќе ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер. Колку тој беше ценет и почитуван од своите колеги, а и од легендите во другите спортови, ќе имате можност да прочитате низ овие редови, што ќе останат како документ за една знаменита македонска личност“, вели Михајлов, за кого ова е трета книга, по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ и монографијата за борачот Шабан Сејдиу.