Една третина од децата на возраст од 7-8 години имаат поголема телесна тежина од предвидената, а 16 отсто од момчињата и 13 отсто од девојчињата на оваа возраст се дебели. Ова го покажуваат статистичките податоци од Институтот за јавно здравје, а според лекарите, растот на бројот на деца со проблеми со тежината уште во најрана возраст се должи на лошата исхрана, недоволната физичка активност и седењето пред компјутер.
Преку кампањата „Јади како шампион“ на компанијата „Беко“, викендов во трговскиот центар „Сити мол“ беа промовирани специјални рецепти за здрава исхрана, подготвени според менито со кое се хранат фудбалерите на Барселона. Рецептите со вкусни, а здрави јадења промовираше готвачот Влатко Огненовски. Целта на оваа кампања, како што вели тој, е децата уште од најмали нозе да научат да се хранат здраво.
„Промоцијата на денешното дружење е јади како шампион. Децата го јадат тоа што го јадат нивните херои, родителите, учителите, спортските херои. Претставуваме јадења подготвени од нутриционисти и готвачи, кои се грижат за исхраната на врвните спортисти. Фудбалот е еден од потешките спортови и бара многу енергија, а фудбалерите на Барселона се хранат на овој начин. На пример, денеска подготвивме интегрална тортиља и во неа, 90 отсто се свежи продукти, но подготвени на поинаков начин. Главната порака до родителите е да не им даваат чоколада и шеќери, оти тоа е најопасна храна во најмладите години. Место тоа, исхраната треба да биде богата со овошје и зеленчук, а Македонија е пребогата со овие продукти“, рече Огненовски.
Тој кажа дека во соработка со Општина Карпош веќе направиле кампања за здрава исхрана во градинките и се надева дека наскоро и државните институции ќе ги прифатат новите техники на подготвување храна.
Оваа кампања на „Беко“ се реализира во повеќе држави. Компанијата притоа донираше кујнски апарати и уреди на посебното основно училиште „д-р Златан Сремец“ од Скопје.
Во ова училиште, настава посетуваат стотина деца, кои се на целодневна настава или дневен престој и главните оброци ги добиваат тука. Според надлежните од училиштето, многу е важно и храната која ја добиваат да биде здрава.
Рецепт од книгата „Јадете како херој“:
Смути од бобинки
- 450 милилитри сок од портокал
- 200 милилитри природен јогурт
- 5 грама екстракт од ванила
- 3-4 полни раце мешани свежи или замрзнати бобинки
Состојките се блендираат, додека не се добие хомогена смеса, која потоа се става во чаша и се пие.