Актуели и врвни имиња во џез музиката од САД, Европа и од Африка, и годинава носи 36. издание на Скопскиот џез фестивал, кој што почнува в четврток (19 октомври) и ќе трае до 22 октомври.
Ексклузивно, за единствен европски концерт, од Чикаго доаѓа една од најдобрите џез пејачки во светот – Ди Александер. Истата вечер ќе настапат две легендарни имиња од САД – Марк Рибо со проектот „Јанг Филаделфианс“ и Стив Колмен со легендарните „Фајв елементс“ .
Од Норвешка ќе гостуваат два големи ансамбли – „Трондхајм џез оркестра“ со Оле Мортен Ваган и Пал Нилсен-Лав со „Ларге Унит“ .
Еден од најдобрите светски џез пијанисти Крег Тејборн ќе настапи со својот квартет. Организаторот најавува дека ќе ги видиме и двете надежни европски трија –Триото на Давид Хелбок и „Интерзоне“ на Марио Ром.
Од СЏФ најавуваат и два полноќни концерти со афро-бит легендите Орландо Џулиус и „Хелиоцентрикс“ и Ентони Џозеф со својата група.
Со свој соло настап ќе се претстави и големото име на италијанскиот џез – Роберто Отавиано.
За четирите главни вечери (19-22 октомври), концертите ќе се одржат во Македонската опера и балет во 20 часот. На втората и третата вечер (20,21 октомври),полноќните концерти ќе се одржат во Младинскиот културен центар, во денсинг салата . Четвртиот ден има попладневен концерт во Кино Фросина(МКЦ) од 17 часот.
Оваа година има и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација. Презентацијата на Ичо Видмар “ Нова музика во Њујорк“ и проекцијата на документарниот филм – „The Jazz Loft according to W. Eugene Smith”, ќе се одржат во кино Фросина (МКЦ), на 21 октомври во 15 и во 16 часот.
Проекцијата на филмот „Диксиленд “ (програма за млади) е во соработка со фестивалите „Џифони“ и „Македокс“ и ќе се одржи во кино Фросина (МКЦ), на 20 октомври во 12 часот.
Билети се продаваат во: „Југотон рекордс“, МОБ, МКЦ и мктикетс.мк .
За трите настани од дополнителната програма, влезот е слободен.