Бизнисменот и иноватор Илон Маск се понуди да помогне во спасувањето на 12-темина момчиња и нивниот фудбалски тренер, кои веќе две недели се заглавени во тајландските пештери.
Во серија твитови, Маск кажа дека неговата компанија „Боринг“ е „многу добра во копање дупки“.
„Зборувавме со тајландската влада за да видиме како може да помогнеме. Ќе пратиме наши инженери во Тајланд за да ја дадеме нашата поддршка на самото место. Во оној момент кога ќе добиеме потврда како точно можеме да помогнеме, веднаш ќе се ангажираме“, изјави портпаролот на „Боринг“.
Еден од предлозите на Маск е вметнување на најлонска цевка во пештерата, која потоа би се надула, за да се создаде подводен воздушен тунел.
„Ова вреди да се проба“, вели Маск.
Друга опција е користење на напреден пробивен радар, а на локалните власти, кои се во трка со времето бидејќи се најавени нови монсунски дождови, им понуди и пумпи и системи за напојување.