ПОЛИЦАЈЦИ ЧЕКАА КРИС БРАУН ДА ЗАВРШИ СО КОНЦЕРТ ЗА ДА ГО УАПСАТ

Мајами, (Си-Ен-Ен)

Американскиот аренби пејач Крис Браун, кој стана озлогласен по претепувањето на неговата тогашна девојка Ријана, бил уапсен кратко време откако го завршил концертот во Флорида.

Тој бил снимен како влегува во полициско возило по вчерашниот настап во Вест Палм Бич.

Според сајтот ТМЗ, неколкумина полицајци го чекале Браун додека тој сѐ уште бил на сцена.

Тој беше уапсен врз основа на важечка потерница од минатата година“, кажаа од канцеларијата на шерифот во Вест Палм Бич, не откривајќи детали за каков случај станува збор.

Браун бил заведен и подоцна пуштен со кауција од 2.000 долари.

Дваесет и деветгодишниот Браун досега неколкупати имаше проблеми со законот, а најпознат случај датира од 2009 година, кога ја натепа Ријана, за што доби условна затворска казна од пет години. Тој беше уапсен и во 2013 година поради тепачка пред хотел во Вашингтон.