ЈАДЕЊАТА ВО РЕСТОРАНОТ „СВЕТОТ ЈУРА“ ИМААТ ПРАИСТОРИСКИ ШМЕК

Токио, (Делиш)

„Светот Јура: паднато кралство“ ќе има премиера во Јапонија дури на 13 јули, но јапонските фанови на популарната филмска франшиза до тогаш можат да уживаат во неверојатните рецепти на „Џурасик ворлд кафе“.

Ресторанот се наоѓа на две локации и ќе биде отворен на одредено време, за да се одбележи премиерата на филмот, кој веќе заработи една милијарда долари на кино-благајните. Промоцијата почна во Токио, а потоа, од 6 август, ќе продолжи уште седум недели во Осака.

Менито вклучува мезиња, бургери, благи и пијалоци, и сето тоа со праисториски шмек.

Бургерот „Светот јура“ се служи на чинија која изгледа како да е изгребана од диносаурус, додека „Вулканско кари“ е светлоцрвено, за да личи на лава која излегува од активен вулкан.

Во ист стил се направени и десертите, како колачот „Ископување фосили“, „Вулкански пудинг“, „Геолошки парфе“ и колачот „Јајце од диносаурус“. Исто така, може да се нарача и торта во форма на глава од диносаурус.

Ресторанот продава и дино пијалоци, како кафиња со неговиот лик на пената, газирани пијалоци со животното како излегува од чашата и смути со фосил на врвот.