ГАБРИЕЛ ЛУНА ГИ НАПРАВИ ПРВИТЕ ЧЕКОРИ КАКО МАШИНА НА СНИМАЊЕТО НА НОВИОТ „ТЕРМИНАТОР“

Мадрид, (Вараети)

Габриел Луна ги направи своите први чекори како машина, откако во Мадрид почнаа да се снимаат сцени од новиот „Терминатор“, од кој фановите имаат огромни очекувања, имајќи предвид дека по речиси 30 години ќе ги спои Арнолд Шварценегер и Линда Хамилтон.

Луна, кој досега немаше големи ангажмани во Холивуд и е најпрепознатлив по серијата „Агенти на ШИЛД“, ја доби улогата на речиси неуништливиот робот, што ја прослави Шварценегер во првиот филм од легендарната франшиза од 1984 година.

Габриел Луна во Мадрид ги направи првите чекори како машина

Шварценегер и Хамилтон ќе ги репризираат улогите на Терминатор, односно на Сара Конор, тандем кој за последен пат соработуваше во „Терминатор 2: судниот ден“ од 1991 година, додека режијата на сè уште неименуваниот филм му е доверена на Тим Милер, за кого ова е прв проект по оригиналниот „Дедпул“. За потребите на филмот, Милер и извршниот продуцент Џејмс Камерон составија тим од сценаристи, за да работат на приказна од која треба да произлезе нова трилогија.

Шестиот дел на „Терминатор“ треба да излезе на 22 ноември наредната година.