ФИЛХАРМОНИЈАТА ЌЕ ЈА ПОЧНЕ СЕЗОНАТА НА 27 СЕПТЕМВРИ СО КОНЦЕРТОТ „НОВО УТРО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новата сезона на Македонската филхармонија ќе почне на 27 септември со концертот „Ново утро“ и славниот француски пијанист Лука Дебарг, под диригентство на Јерухам Шаровски од Израел. Слоганот на новата сезона е „Високи вибрации“.

В.д. директорот Виктор Илиески на денешниот прес рече дека Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“ и еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена, ќе го изведе виртуозниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, а ќе се изведе и Фантастичната симфонија од Ектор Берлиоз.

Илиески вели дека во новата сезона ќе стартува кампањата „Без мобилни“, која треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилини телефони за време на музичките настани (Фото: СДК.МК)

Меѓу останатите концерти во сезоната 2018/19, Илиески ги најави настапите на рускиот виолинист Вадим Репин, врвниот тромбонист Џозеф Алези и на атрактивното дуо кларинети Гурфинкел, кое ќе настапи на Гала-новогодишниот концерт.

„Се разбира, и оваа сезона програмата ќе биде збогатена со композиции од македонски автори, а на подиумот ќе застанат и фантастични македонски солисти, меѓу нив Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова-Јаневска на пијано и Милан Силјанов како вокален солист, диригентите Борјан Цанев и Сашо Татарчевски, а првпат со Филхармонија ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена“, кажа Илиески.

Директорот најави и три гостувања во странство: првото е во септември во Казахстан на Камерниот оркестар, големата турнеја низ Кина, кога Оркестарот ќе одржи седум концерти, ќе се случува во декември и јануари, како и во Шпанија на 30 октомври и 1 ноември.

Филхармонијата за редовната публика ќе овозможи блок билети за сите концерти по цена од 9.000 денари, а кои ќе можат да се набават до 20 септември.

Илиески додаде дека во новата концертна сезона ќе стартува кампањата „Без мобилни“, која треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилини телефони за време на музичките настани.

Последниот настап на Филхармонијата за оваа сезона е на 12 јули, на свеченото отворање на Охридско лето во Античкиот театар, под диригентство на Николае Молдовеану од Романија и солистите, сопранот Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску од Романија.

Б. НЕСТОРОСКА