СУРША РОНАН И МАРГО РОБИ ЈА ПОЧНАА ОСКАРОВСКАТА КАМПАЊА

Лос Анџелес, (Венити фер)

Актерките Марго Роби и Сурша Ронан ја отворија предоскаровската кампања за 2019 година.

Компанијата „Фокус фичрс“ објави два плакати за филмот „Мери, кралица на Шкотите“, чија премиера е најавена за декември, во кој Роби ја игра кралицата Елизабета Прва, а Ронан нејзината братучетка Мери Стјуарт.

Филмот го следи животот на Мери Стјуарт, која по смртта на францускиот крал како вдовица се враќа во својата татковина Шкотска за да го побара тронот. Тензиите се јавуваат помеѓу неа и Елизабета Прва, која владее со Англија и со Шкотска.

Медиумите веќе пишуваа дека бидејќи кралицата Елизабета имала сипаници, на лицето на Роби шминкерите нанесувале дебели слоеви шминка, а носи и протеза. Роби ја скрати косата многу кусо, а русокосата Ронан носи перика со портокалова нијанса. За потребите на филмот, таа посетувала и часови по јавање.

На последните Оскари, Роби беше номинирана за улогата во „Јас, Тонја“, а Ронан ја имаше својата трета номинација за „Леди Бирд“.