ВИРТУЕЛНАТА РЕАЛНОСТ ПОМАГА ВО НАДМИНУВАЊЕ НА СТРАВОТ ОД ВИСОЧИНА

Лондон, (ДПА)

Акрофобија, страв од височина, е една од најчестите фобии. Забележано е дека еден од пет има страв од височина до одреден степен во животот.

И покрај ова, многумина од оние кои ја имаат оваа фобија не добиваат никаков третман или терапија. Сега, една нова студија покажа дека третманот со виртуелната реалност може ефективно да помогне во справувањето со ова нарушување на менталното здравје, а можеби и на некои други во иднина.

Во истражувањето, на 44 од 100 учесници им биле дадени апарати за виртуелна реалност, што ги користеле во шест 30-минутни сесии во текот на две недели. Во меѓувреме, учесниците во контролната група добиле „вообичаена нега“, односно без третман.

Истражувањето покренува други, поопшти прашања за иднината на психолошките третмани со технолошките достигнувања

Учесниците кои добиле третман со ВР имале неколку задачи: оделе преку платформа преку голема дупка или фрлале топки преку карпи. Сите учесници пополниле прашалници пред и по третманот, како и повторно по четири недели.

Резултатите од истражувањето се зачудувачки: додека учесниците во контролната група не пријавиле речиси никаква промена, сите од групата со ВР-третман изјавиле дека нивниот страв од височина е намален, кај некои значително, а кај 34 испитаници е оценето дека веќе немаат страв.

Истражувањето, исто така, покренува други, поопшти прашања за иднината на психолошките третмани. Д-р Марк Хејворд од Универзитетот во Сасекс вели дека технолошките достигнувања како ВР можат значително да ги подобрат третманот и грижата за пациентите со психоза и дека можат да помогнат да се зголеми пристапот до пациентите кои не сакаат да разговараат со терапевт.