ОСНОВАЧОТ НА „АМАЗОН“ ЏЕФ БЕЗОС Е НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК ВО МОДЕРНАТА ИСТОРИЈА

Њујорк, (Блумберг)

Џеф Безос сега е најбогатиот човек во модерната историја.

Богатството на основачот на „Амазон“ достигна до 150 милијарди долари, според индексот на милијардерите на „Блумберг“, што е за 55 милијарди повеќе од она што го поседува Бил Гејтс, вториот најбогат човек на светот.

Педесет и четиригодишниот Безос го надмина Гејтс и во условите прилагодени на инфлација. Коосновачот на „Мајкрософт“ во еден момент во 1999 година имаше богатство од 100 милијарди долари, што во денешните долари би вредело 149 милијарди. Тоа го прави Безос најбогат човек откако „Форбс“ почна да ја прави својата листа во 1982 година.

Безос го помина прагот пред „Амазон“ да почне со своите традиционални 36-часовни летни попусти, популарно наречено Прајм деј.

Во понеделникот, акциите на компанијата достигнаа рекордна вредност од 1.841,95 долари, за подоцна да падне под 1.800.