ДЕБАКЛ НА НАЈСКАПИОТ КИНЕСКИ ФИЛМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Пекинг, (Би-Би-Си)

Кинескиот високобуџетен епски филм „Асура“ беше повлечен од кината, откако катастрофално помина во првиот викенд од прикажувањето.

Снимен за 750 милиони јуани (112 милиони долари), „Асура“ важи за најскапиот кинески филм на сите времиња, но на премиерата заработи само 50 милиони јуани (7,5 милиони долари).

Исполнет со специјални ефекти, дејството на „Асура“ се базира врз кинеската митологија и во него играат водечки кинески актери. Продуцентите планираат да го преработат филмот и повторно да го издадат во блиска иднина.

Ако не постигне успех при второто прикажување, со загубата од 105 милиони долари, „Асура“ ќе биде еден од најголемите дебакли во филмската историја.

Фантастичниот филм, кој требаше да стане франшиза во стилот на „Господар на прстените“ и „Игра на тронови“, го финансираа три големи домашни филмски компании. Тој раскажува приказна за овчар, кој треба да заштити митско небесно кралство од голема опасност.