ФЕЈСБУК ВО ЕДЕН ДЕН ОСТВАРИЛ РЕКОРДНА ЗАГУБА ОД 119 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Фејсбук ја забележал најголемата загуба во историјата на берзанското работење, откако вредноста на неговите акции во еден ден падна за 19%, како резултат на најавите дека компанијата ќе се фокусира на поголема заштита на приватноста на корисниците.

Пресметано во пари, пазарната вредност на Фејсбук со тоа се намалила за 119 милијарди долари, што е најголемата загуба што една компанија ја остварила во историјата, објави „Ројтерс“.

За основачот Марк Закерберг, тоа е загуба од речиси 16 милијарди долари, соопшти „Форбс“, кој го следи богатството на милијардерите во реално време. Закерберг со тоа паднал од четвртото на шестото место на листата на најбогатите луѓе на светот.

„Фејсбук ја става приватноста на првото место, откако скандалот со ‘Кембриџ аналитика‘ ни донесе премногу лош публицитет и преголем гнев на корисниците“, изјави шефот на финасискиот оддел на компанијата, Дејвид Венер.

Фејсбук најави дека ќе потроши голема сума пари за да ги оствари своите цели.

„Ќе вложиме неколку милијарди долари годишно во подобрување на безбедноста. Мислиме дека тоа е вистинската одлука за бизнисот“, додаде Венер.

Претходниот најлош ден во историјата на компанијата беше 27 јули 2012, кога вредноста на акциите паднала за 11,7%.