Претставата „Ардалион“ на Ереванскиот државен театар за пантомима е добитник на Гран при наградата на 17. издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“, за, како што наведе жирито, „извонредната актерска сценска визура според автентичните принципи на античката мимодрама“.
Во 50-минутната претстава на движење, танц и пантомима, режисерот Жирар Дадасјан раскажува за патувачките трупи кои се испраќаат по градови, за да ги исмеваат евангелските приказни и изведуваат антихристијански претстави.
Жирито, во состав Николај Круглов, Мето Јовановски и Ана Стојановска, за најдобар актер го прогласи Бекназар Избасаров за улогата на Сенека во „Нерон и јас“, во изведба на Регионалниот руски театар од Казахстан. За најдобра женска улога, наградата ја доби Соња Михајлова за претставата „Јулије Цезар“ на Битолскиот драмски театар. Кога ја прими наградата, публиката ја поздрави со римскиот поздрав „аве“.
„Споделената радост е поголема и затоа сакам со вас да ја споделам радоста од добиената награда. Не само поради ликот на Јулије Цезар, кој е историски, антички и вонвременски, туку и поради овие прекрасни амбиент и фестивал“, рече Михајлова.
Награда за режија годинава не беше доделена. Затоа пак имаше две дополнителни награди: најдобар млад актер е Ирена Илиевска, која ја толкуваше Лисистрата во истоимената претстава на Велешки театар, а „Кралски копилиња“ на истиот театар ја доби наградата за современ сценски израз, во која до израз доаѓаат видео-дизајнот и анимациите на Данчо Стефков и Крсте Шупев.
П. ПЕЧКОВ