Четири години по пионерскиот заеднички настап на техно легендата Дерик Меј и Македонската филхармонија во Охрид, Македонија в четврток ќе може да слушне втора ваква оригинална соработка, какви што се реткост и во светски рамки.
Овојпат, Филхармонијата ќе свири композиции од Хуан Аткинс, уште едно големо име во светот на електронската музика, за чии преработки, доработки и нови аранжами се погрижи Џијан Емин. Локацијата повторно ќе биде посебна – Античкиот театар во Охрид.
„Хуан Аткинс е еден од најважните луѓе во електронската музика и особено ми е мило што сум дел од овој проект, откако пред четири години имав чест да настапувам и со Дерик Меј и Македонската филхармонија на истото место. Тоа остави големи влијание и впечаток врз мене и врз начинот на којшто јас функционирам, а настанот одекна и во светската музичка јавност. Оваа година ќе ја свириме музиката на Аткинс, која имав чест да ја обработам, доработам и да внесам свои музички согледувања како би требало да звучи тоа“, изјави Емин.
Аткинс призна дека заплакал кога првпат слушнал како звучат неговите композиции во оваа нова изведба.
„Среќен сум што сум тука. Вчера кога имавме проба и кога ја слушнав новата интерпретација на мојата музика, ми најдодоа солзи. Кога оваа музика ја свири оркестар, доаѓа до израз музичкиот аспект на она што ние го правиме“, кажа Аткинс.
Огнен Узуновски, кој го организира концертот под етикетата „Излет мјузик“, смета дека ова е настан од национално значење.
„Настанот ќе биде спој на класична и на електронска музика и со овој проект историјата ја приклучуваме кон иднината. Преку обработката и оркестрацијата на Емин, го продолжуваме векот на музиката што Аткинс ја има направено пред 20-ина години, за да остане за наредните генерации, во едукативна смисла“, изјави Узуновски.
Г. КОНЕВ