ЖАЛАМ ЗА НЕПРОФЕСИОНАЛНОСТА КОН КОЛЕШКИТЕ, ВЕЛИ ОСКАРОВЕЦОТ КЕЈСИ АФЛЕК

Лос Анџелес, (АП)

Оскаровецот Кејси Афлек го даде првото интервју по ланските обвинувања за сексуално вознемирување на колешки, признавајќи дека придонесол за „непрофесионално опкружување” на снимањето на филмот „Уште сум тука”.

Во 2010 година, Афлек беше тужен од две колешки за сексуално вознемирување, случај за кој се дозна пред доделувањето на оскарите лани. Продуцентката Аманда Вајт и снимателката Магдалена Горка тогаш открија дека тој им се заканил дека нема да бидат платени за својата работа на филмот „Уште сум тука“, откако одбиле да имаат секс со него. Случајот бил разрешен со вонсудска нагодба.

„Тоа беше непрофесионална средина и морам да ја прифатам одговорноста за тоа. Јас придонесов за таа непрофесионална средина, се однесував на еден извесен начин и им дозволив на другите да се однесуваат на начин кој беше навистина непрофесионален. И жал ми е”, вели Афлек.

Иако тужбите беа решени надвор од судот, неговото име беше поврзано со долга листа на мажи кои беа обвинети за сексуално вознемирување.

„Во овој бизнис жените се недоволно застапени и платени, понижувани и омаловажувани на многу начини”, рече тој.

За неговата одлука сега да даде интервју, Афлек рече: „Ако не промовирам филм, нема да ме има во медиумите, па затоа ништо не сте слушнале за мене“.

Неговиот најнов филм „Старецот и пиштолот“, во кој игра со Роберт Редфорд, ќе има премиера на 28 септември.