Вечерва (19 јуни) од 20 часот, во Турскиот театар во Скопје премиерно ќе се изведе претставата „Интервју“, во режија на Александра Кардалевска. Турскиот театар е сместен и ја користи сцената на Театар Комедија.
Текстот е на Онур Озџан, а играат Hакан Даци, Џенап Самет, Слаѓана Вујошевиќ и Јеткин Сезаир, додека сценографијата и костимографијата се на Озџан.
Кардалевска вели дека „Интервју“ е современа психолошка драма која низ навидум обично интервју за вработување постепено отвора прашања за моќта, манипулацијата, амбицијата и цената што луѓето се подготвени да ја платат за успех.
„Претставата навлегува во светот на современиот човек, опседнат со позиции и признанија, поставувајќи го прашањето колку далеку сме подготвени да одиме за да го добиеме она што го посакуваме. Во атмосфера исполнета со неизвесност и психолошка тензија, ликовите се соочуваат со сопствените стравови, компромиси и морални граници“, вели режисерката.