ЕНИО МОРИКОНЕ ДОБИ МУРАЛ ВО ГРЧКА ЛАРИСА

Лариса, (Ројтерс)

Грчкиот град Лариса постави мурал во чест на големиот италијански композитор, оскаровецот Енио Мориконе.

Жителите на Лариса основаа Културно друштво на пријатели на Енио Мориконе, во чест на композиторот на легендарните музички теми од „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш во Америка“ и „Мисија“ и често организираат филмски проекции на археолошките локалитети.

Како најнов знак за нивната посветенот, тие го нацртаа профилот на Мориконе на петкатна станбена зграда.

„Сакавме јасна негова илустрација, видлива, така што секогаш ќе биде дел од нашиот град“, вели претседателот на друштвото, Константинос Папакостас.

Тој го формирал клубот во 2010 година и оттогаш собрал над 1.000 членови.

„Јас сум навистина воодушевен од него и од неговата музика“, рече Папакостас.

Мориконе, кој годинава ќе наполни 90 години, сѐ уште компонира и има серија настапи како дел од турнејата „60 години во музиката“.