Најстариот американски алигатор на светот кој живее во заробеништво е во белградската зоолошка градина.
Алигаторот Муја е донесен во Белград на двегодишна возраст во август 1937 година, но сѐ до неодамна, тој немал соодветен третман. Тој честопати бил покриен со монети, што посетителите ги фрлиле кон него, обидувајќи се да го предизвикаат да се придвижи.
Во последните години, зоолошката градина донесе построги правила против провокација на животните.
„Муја официјално е најстариот американски алигатор на светот кој живее во заробеништво. Почитувајте ги Муја и неговата возраст. Ниту фрлање храна или парички, ниту правење бучава нема да го натераат да се движи“, пишува на таблата на српски и на англиски јазик.
Повеќето од оние кои пораснале во Белград по Втората светска војна велат дека никогаш не го виделе Муја како се движи покрај или во базенот.
„Иако сега едната нога му е покуса, откако тим ветеринарни хирурзи му ја отстрани предната десна шепа поради гангрена во 2012 година, посетителите сѐ уште можат да го видат Муја, кој има добро здравје и добар апетит“, вели директорот на Зоолошката, Србољуб Алексиќ.
Иако за неговиот вид не е е карактеристично да живеат повеќе од 60 години, „Муја е добар, здрав и во одлична форма“, додаде Алексиќ.