НЕМАМ НИШТО СО ИЗЛОЖБАТА ВО МОСКВА – БАНКСИ РЕАГИРА ЗА НАПЛАЌАЊЕТО ВЛЕЗНИЦИ ЗА НЕГОВИТЕ ДЕЛА

Москва, (АФП)

Мистериозниот британски графити уметник Банкси реагираше на Инстаграм дека не е вклучен во големата изложба на негови дела во Москва.

Изложбата на Банкси се отвори на почетокот на јуни во Централниот дом на уметниците и содржи околу 100 оригинални дела, кои се позајмени од галерии и приватни колекционери. Но, уметникот објави дека за изложбата дознал откако добил слика од билбордите низ Москва. Притоа му било пренесено дека влезницата чини 22 евра.

Цената на билетите се движи од 550 до 1.400 рубли (седум до 18 евра).

„Знаете дека јас немам никаква врска со ова, нели?“, напиша Банкси.

Организаторите преку Инстаграм соопштија дека никогаш не го промовирале настанот дека е одобрен од Банкси, додавајќи дека немаат негова дозвола да ги изложат делата од приватните колекции.