КИНЕСКА ШМИНКЕРКА ГИ ЦРТА СВЕТСКИТЕ РЕМЕК-ДЕЛА НА СВОЕТО ЛИЦЕ

Пекинг, (Ројтерс)

Мерилин Монро, Одри Хепберн и Кристијано Роналдо се само некои од славните личности кои кинеската шминкерка Хе Јухонг може да ги трансформира на нејзиното лице.

Дваесет и седумгодишната уметница стана популарна на кинеските социјални мрежи со нејзините видеа со трансформации со шминка, добивајќи милиони следбеници.

„Потешко е да се аплицира шминка на ваков начин, затоа што е повеќе како цртање“, вели Јухонг.

Јухонг месечно троши по 1.450 долари на шминка (Фото: Ројтерс)

„Треба да насликам туѓи лица на моето, со многу детали и притоа да ги променам контурите на моето лице“, додава таа.

Меѓу ремек-делата од светската уметност, Јухонг на себе ја има насликано „Девојката со бисерна обетка“ на холандскиот сликар од 17. век Јоханес ван Вермер. За тоа дело ѝ биле потребни повеќе од шест часа, внимателно нанесувајќи слоеви од пудра, да ги преслика сенките, како и да ја намести шамијата.

Во мај, Хе ги објави нејзините видеа, станувајќи популарна со шминката на Мона Лиза.

Пред да стане блогерка, таа имала свое студио, кадешто најчесто шминкала невести, а работела и на рекламни спотови. Месечно троши по 1.450 долари на шминка.

„Сакам да пробувам нови нешта“, вели таа, додавајќи оти ликовите од анимираниот филм „Кралот лав“ и принцезите од филмовите на „Дизни“ ѝ се следни предизвици.