„МАДАМ ТИСО“ ВО БЕРЛИН ПОСТАВИ НЕ ВОСОЧНА, ТУКУ ЖИВА ФИГУРА НА ТРАМП

Берлин, (Ројтерс)

Музејот „Мадам Тисо“ во Берлин ја доби својата најнова атракција – Доналд Трамп кој стои наспроти топка за боксерски тренинг, на која е поставено лицето на Ангела Меркел.

Сепак, за разлика од вообичаените восочни фигури, овој „Трамп“ е жив, бидејќи го глуми актер, кој носи силиконска маска моделирана според американскиот претседател и притоа игра на хитот на „АББА“, „Пари, пари, пари“.

Односите помеѓу двајцата лидери не се на високо ниво, иако Трамп кажа дека имале одличен состанок на самитот на НАТО минатиот месец.

Мерките за восочната фигура на Трамп се земени уште во 1997 година, за потребите на музејот во Њујорк.

Според портпаролката на берлинскиот музеј, биле потребни девет луѓе и повеќе од два месеца работа за да се направи маската, која има вистинска коса.

„На луѓето им е смешен и сакаат да се сликаат со него. Тој никогаш не ги одбива“, вели Нина Цербе.