Македонија вечерва ќе има ретка можност да види настап на актуелна светска музичка ѕвезда, бидејќи во Скопје гостува Шон Пол, кој ќе одржи концерт на стадионот на АРМ, што заеднички го организираат „Акаша букинг“ и „Фјужн продакшн“.
Тоа ќе биде музички спектакл не само за македонски услови, бидејќи јамајканскиот реге и хип хоп музичар ќе го одржи единствениот концерт во регионот само во Скопје, по што ја продолжува светската турнеја во Азија.
Покрај тоа што ќе настапи на специјално направена, 40 метри широка бина, Шон Пол ќе го придружува и негова група музичари и танчари.
Шон Пол е активен во музиката повеќе од 20 години и за тој период има објавено шест студиски албуми, а ново издание е најавено за оваа година. Осумпати беше номиниран за наградата Греми, што ја освои во 2004 година за најдобар реге албум.
Меѓу многубројните соработки со други музичари се истакнуваа онаа со „Клир бандит“ на песната „Rockabye“, која беше еден од најголемите хитови за минатата година, поминувајќи девет недели на врвот на британската топ-листа.
Специјални гости на концертот, што почнува во 20 часот, ќе бидат Тајзи, Шорти Пи и Ири Скреч.
Г. КОНЕВ