Една од најпопуларните американски серии „Бубалици“ (The Big Bang Theory) ќе ги емитува своите последни епизоди наредната година, со што ќе биде ставен крај на еден од најдолговечните ситкоми во ТВ-историјата.

Последната, 12. сезона ќе почне на 24 септември и се очекува да заврши во мај.

Серијата за двајцата физичари и за нивната сосетка, надежна актерка, имаше 18 милиони гледачи секоја година, почнувајќи од шестата сезона. Минатата сезона, секоја епизода привлекуваше во просек 18,6 милиони гледачи, повеќе од кое било шоу на американските телевизии.

„Засекогаш ќе им бидеме благодарни на фановите. Сите кои работевме на серијата многу го цениме нејзиниот успех и сакаме последната сезона да има епски креативен крај“, се вели во соопштението на продукцискиот тим.

Серијата освои седум награди Еми од 46 номинации, при што Џим Парсонс беше прогласен за најдобар актер. Во 2016 година, главните актери заработуваа по еден милион долари по епизода.